| Несакан прекин на бременоста - спонтан абортус |
|
Под поимот „спонтан абортус“ се подразбира несакано прекинување на бременоста до 28-та гестациска недела без некоја надворешна причина. Обично спонтаниот абортус настанува случајно и најчесто нема последици за наредната бременост. Но спонтаниот абортус може да се повтори и во наредните бремености, и тоа најчесто во истиот период на бременоста, кога станува збор за хабитуални абортуси (ако се најмалку три последователни), и во тие случаи треба да се пристапи кон систематско и целисходно лекување на жената. Причини за спонтан абортус има многу, можат да потекнуваат како од мајката така и од овулумот (зачетокот), а честопати причината може да остане и непозната. Причините од страна на мајката за спонтан абортус можат да потекнуваат од утерусот (матката) при нејзина недоволна развиеност (хипоплазија) и при инсуфициенција - слабост на мускулатурата од стегачот на грлото на матката (во овој случај се прави подврзување-серклаж). Други причини се разни хронични заболувања кај жената како воспаление на бубрези, покачен крвен притисок, шеќерна болест, неусогласеност со Рх-факторот на крвните групи од партнерите, хронични труења - ако жената работи или е во контакт со жива, олово, тутун, фосфор, пушење цигари, инфекции на гениталните органи и присуство на паразити од токсоплазмоза или цитомегало вирус во крвта на жената. Понекогаш причина може да биде и недостиг од хормонот прогестерон, кој игра важна улога во зачувувањето и износувањето на бременоста. Причини од страна на овулумот (зачетокот) за спонтан абортус се најчесто генетички нарушувања или хромозомски аномалии. Најчесто настануваат во првите три месеци од бременоста и завршуваат со угинување на плодот. Од многуте причини за спонтан абортус треба да се споменат и механички трауми, како удар, дигање товар, пад. И, на крајот, да не ги заборавиме и психичките трауми, кои и тоа како можат да влијаат негативно на текот на бременоста. Најчесто спонтаните абортуси настануваат во првите три месеци од бременоста, но сепак во однос на времето на настанување се делат на рани и доцни. Рани се оние што се случуваат пред 16-та недела од бременоста, а доцни тие што се случуваат од 16-та до 28-та недела. Првите симптоми се слабо или јако крвавење од гениталиите и болки во долниот дел од стомакот, по што жената треба веднаш да се јави кај својот гинеколог, кој пак ќе одлучи што треба да се преземе понатаму. Најчесто причините за спонтани абортуси се комбинирани, комплексни и треба адекватно и благовремено да се третираат. Многу често кај нас жената прво забременува, па откако ќе настанат компликации се бараат причините за нив, а всушност треба да биде обратно. Затоа секоја жена што планира потомство пред зачнувањето прво треба да се подложи на одредени совети, испитувања (ПАП-тест, гинеколошки преглед, УВ-преглед, серолошко-крвни анализи, микробиолошки брисеви и друго), па откако ќе се утврди дека се е во ред со здравјето на жената, да настапи и да се износи здрава бременост, а како резултат на сето тоа да се добие здраво дете - нешто што го посакува секоја идна мајка. Др. Цветко Трајковски Гинеколог – акушер
Прати коментар
Прочитано: 1990 Коментари (0)
![]() Напишите коментар
|






