| Што да прави жената или девојката, која во својот живот направила чедоморство? |
|
Пред сè, треба да стане свесна за тежината и големината на овој грев и да се покае. Архимандритот Рафаил вели: „Крвта се измива само со солзи.” Покајничките солзи се почеток на еден нов христијански живот кој води во заедница со Бога и со Неговата милост. „Човечки е да се згреши, но демонски е да се остане во грев” − велат Светите Отци. Божјата милост е голема, долготрпелива и Бог ја излива врз секого што се труди да живее во покајание. Сите вие што сте паднале во овој грев, крвавите дамки можете да ги измиете со покајнички солзи и со цврста решеност дека никогаш повеќе нема да го повторите овој грев, да не го оправдувате, туку со солзи на очите и искрена молитва, да се трудите со молитва до крајот на својот живот за Севишниот Бог да ви прости. Сите вие кои што сте извршиле чедоморство, и мажи и жени, (бидејќи и мажот е директен учесник во овој грев), ако имате вера во Семилостивиот Бог, имате сили со кои можете да им се спротивставите на лукавите демони. Секогаш кога ќе се обидуваат да ве наговорат да го повторите овој страшен грев или пак, кога ќе се обидуваат да ве турнат во очајание и депресија, имате сила − благодатта Божја, имате утеха − Светата Православна Црква, која е благочестива мајка што постојано бдее над своите чеда, имате заштита – Промислата Божја, имате и оружје – постот, молитвата и надежта, имате потпора – верата, ги имате за свои пошници и соборци – ангелите и светителите, а особено Пресвета Богородица.Бог е многумилостив и долготрпелив. Колку само се радува на нашето вистинско покајание и на нашиот труд и борба против духовите на овој свет. Во Светата Црква има илјадници примери на луѓе кои од блудници, разбојници и убијци, станале праведни и свети.Жената што абортирала треба да се освести и да ја сфати тежината на овој грев. Не треба да очајува и да губи надеж. Искреното покајание ја привлекува Божјата милост која ја разгонува невидливата демонска темнина, која како смртоносен отровен облак ја обвила куќата во која е планирано и извршено ова страшно убиство.Мажот и жената треба редовно да присуствуваат на Света литургија, да постат и да се исповедуваат, а со свештенички благослов и да се причестуваат.Само покајничките солзи можат да донесат опростителна радост. „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно” (Мт. 3,2).Покајте се, зашто постои Бог – Владетел на небото и земјата, пред Кого сите еден ден ќе застанеме да примиме вечен Суд. Тогаш наши обвинители ќе бидат сите убиени деца кои не сме ги удостоиле да ја видат дневната светлина. Колкава ли тага ќе почувствуваат сите жени – чедоморки кога за прв пат ќе го видат своето чедо и за прв пат ќе го чујат неговиот детски глас: − „Мајко, зошто ме уби? Зарем не знаеш колку те сакав додека живеев во тебе? Сакав да те прегрнам, но џелатот ги исече моите раце. Сакав да те гушнам силно и да го почувствуваш моето весело срце, но ножот го прободе. Сакав да ме милуваш, но ти ме фрли онаа студена ноќ. Мојата љубов не ти беше потребна и ти реши јас да умрам. Но, иако во вечноста не сум лишен од сјајот на Христовата Светлина која допира оддалеку во зраците на оваа светлина која ме обзема трајно, те сакам, моја несреќна мајко.” Што ќе одговори непокаената жена? Онаа која се покајала при таа средба сигурно ќе рече:− „Направив голем грев кон тебе, но затоа целиот мој живот се трудев да направам за тебе сè што можев, жалам и се кајам за тоа дело, те молам прости ми, мое мило чедо.”
Прати коментар
Прочитано: 745 Коментари (1)
![]() Напишите коментар
|





